10 ГОДИНИ НОКАУТ – ЉУБОВТА СЕКОГАШ ПОБЕДУВА

„Аспирациите на бендот се полека и сигурно да се излегува од границите на оваа држава. Не сме снимале досега песна на англиски јазик од причина што сакаме тоа да звучи професионално, веќе подолго време работам на англискиот акцент“, вели Никола Перевски-Пере, локомотивата на „Нокаут“

Катерина Шекеровска

Ако минатата година ја завршивте убаво – со два прекрасни анплагд концерти во Универзална сала, оваа година ви тргнува уште поубаво – со одбележување на 10-годишниот јубилеј. Што би издвоиле како посебни моменти од десетгодишното музичко дејствување на втората постава на бендот?

– На ова повеќе гледаме како на жив организам кој живее, твори и опстојува поради сопствените квалитети кои ги поседува, кој зад себе остава квалитетна музика што народот ја сака и почитува, за што доказ се реакциите и посетеноста на настапите. Дали ќе бидат 10, 15 или 40 години дејствување, времето ќе покаже. Организмот како што спомнав има раце, нозе, бубрези и може да функционира и без бубрег и без екстремитет, но главата кога ќе ја исечеш тогаш се’ престанува. Кога ќе умреме, тогаш престануваме и да дејствуваме и да постоиме. Со втората постава за овие десет години можам да го издвојам следното: имаме издадено еден албум со 17 песни кој излезе дури минатата година по 10 години труд и природна селекција на песните. Тоа е еден вид дупли албум со чист, заразен рокенрол во поп манир. Имавме сигурно над двесте настапи од кои 30-ина се навистина поголеми со сериозна организација.

Континуирана работа, настапи, гостувања, нови песни, ве имаше и на концертот на легендарните „Дјуран, дјуран“, свиревте на иста сцена со вечниот бунтовник Џони Ротен… Сето ова, сосема заслужено во прилог на местото каде што сте сега. Кој е, всушност, локомотивата на бендот?

– Концертите како специјални гости на „Дјуран Дјуран“ и Џони Ротен („Секс пистолс“) на „Нокаут“ му дојдоа некако како јаготка на шлагот за овие 10 години работа со втората постава, така што со сигурност укажувам на тоа дека не е ништо случајно. Тоа е плод на една квалитена макотрпна работа, доказ дека не е повеќе бенд по кој се вртат девојчиња на кои повеќе им е важно дали сме ние убави и згодни, туку еден континуитет, продолжување на приказната за „Нокаут“, на чии настапи публиката доаѓа за да ужива во музиката, песните и изведбите на овој, за мене квалитетен бенд со одлични музичари. По сите овие години од 1997 до ден – денеска со толку напишани, отпеани и продуцирани песни, би требало јас вас како новинар да ве прашам кој е тука локомотивата?

Одговорот е повеќе од јасен. Најавувате нов спот за песната „Желба“, која е дел од албум „Три“, како и нова песна со работен наслов „Moli Miracle“. Очигледно пред вас е плодна година. Какви се конкретно плановите, кон што се стремите?

– Се подразбира дека се стремиме кон квалитетни песни, музика. Целата работа веќе е во стратегијата. Аспирациите на бендот се полека и сигурно да се излегува од границите на оваа држава. Не сме снимале досега песна на англиски јазик од причина што сакаме тоа да звучи професионално (веќе подолго време работам на англискиот акцент) и сакаме тоа да успее таму каде што конкуренцијата е навистина огромна. Искрено тоа нам и ни одговара, бидејќи без конкуренција нема квалитет. Бендови и пејачи во светот има колку сакаш, така што првенствената цел на бендот е да пееме на свој мајчин македонски јазик и да свириме низ овие балкански простори, а можности и шанси се отвораат секој нов ден и искрено се надеваме дека тој еден „world hit“ ќе излезе на виделина, макар бил и на српски јазик.

Ние не патиме од тоа дека треба по секоја цена да правиме трошок до САД за да им отпееме на англиски, тие да не’ разберат, а потоа повторно да се вратиме дома. Спотот за „Желба“, чиј наслов сам зборува за надоаѓањето на тој магичен ден, е во завршна фаза и треба да се појави при крајот на месецот. Сниман е на повеќе локации низ Европа, а режијата е на Милена Станишлевиќ, која ги привршува студиите во Прага по филмска режија. Влезени сме веќе во студио и работиме на новата песна за новиот материјал. Повторно соработуваме со Дарко Димитров со кого работевме и на првиот албум, и можеби ќе ви звучи чудно, но ете се сложивме околу тоа тој да се појави како композитор на можеби половина песни и на овој, ете да го наречеме албум. Иако веќе и тоа ми е клише, затоа што сакаме да се концетрираме на песна како на проект, па потоа ако има добар квалитетен материјал, го спојуваме и на крај излегува едно чедо наречено албум.

Пере, во последниве денови си се поактивен на социјалните мрежи. Дали јавните личности конечно сфаќаат дека може да влијаат со изразување на сопствените ставови јавно по однос на одредени прашања во државава, кои не мора секогаш да се врзани со она што го работат?

– Интересно, да. Пред некоја недела ми стигна известување од ФБ за да го ставам моето оригинално име затоа што бев под псевдонимот на Антош Чехонтеа, првото и оргинално име на писателот Антон Чехов и го вратив сопственото, за што имав и многубројни реакции. Тоа значи дека се следиме и јавното мислење се креира врз база на побрза размена на информации. Лично и персонално, ги избегнувам политичките дебати затоа што не сум политичар ниту сакам да бидам, да бев ќе седев таму каде што треба да се дебатира и се донесуваат вистински одлуки во вистинско време. Вака на социјалните мрежи ќе си „галамиме“ до сабајле, со подочници до колена и повторно ништо. Премногу е застапена политиката во нашиот систем, а по автоматизам и во нашите глави, така што социјалните мрежи максимално ги користам за релаксација, да предложам некоја убава музичка тема на денот, да споделам по некоја интересна фотографија итн. Мислењата кои ги изјаснуваат јавните личности и своите ставови по однос на безброј прашања и теми во секоја држава, не само во Македонија, е лудило кое медиумите навистина го проследуваат и потоа го пренесуваат како чудни климатски појави.

Постарата ќерка Михаела е на добар пат да те наследи во музиката. Што е со помалата? Има ли таа афинитети, покажува ли интерес за она што го работиш?

– Сега разбирам по толку години дека крушата под круша паѓа, па така е и со постарата ќерка Михаела (17), но и со помалата Каја (8), која веќе покажува музички талент (минатата година снимивме песна со која настапи на „Супер ѕвезда“), но и афинитети кон танцот. Не можам да ви опишам колку е прекрасно чувството кога ги гледам како уживаат во музиката, секоја на свој начин. А, и двете ќерки тоа го прават по сопствена желба, без јас на кој било начин да ги форсирам. Сосема природно си дојде сето тоа…

Иако сум релативно млад, имам 36 години, јас максимално вложувам и во двете деца, се разбира онолку колку што можам, а родителот секогаш може и треба да дава најмногу во тој дел, се’ со цел да им го покаже на децата добриот и вистинскиот пат, иако улогата на родител во овие услови на речиси 20-годишна транзициска држава е исклучително тешка, речиси незамислива, нешто налик на научна фантастика. Но, љубовта секогаш победува.

извор: utrinski.mk