Емотивно мени во Нокаут бар

Во боемски амбиент од сценографијата на Универзална сала, момците од Нокаут  ги отворија вратите за најверната публика во нивниот Нокаут бар. Вчеравечер  тие приредија концерт кој беше тричасовно патување во нивната временска машина, која преку музика и стихови не понесе на едно емотивно патување. Долгогодишната  активна посветеност на домашнта забавна музичка сцена, резултираше со преполна сала обожаватели кои во еднен глас ги пееја сите песни. Како надополнување на концептот од акустичниот концерт, на сцената се приклучија и колегите и пријатели на Нокаут. Тони Зен, Мио од Д.Н.О, Last Expetition и Игор Џамбазов, беа засилувањето  на големата инструментална постава на бендот,  кој приреди уживање што ги задоволи сите сетила.  По завршувањето на концертот, ги резимиравме впечатоците најпрвин со Пере кој не ја криеше возбудата да каже дека ова е едно успешно заокружување на годината.

-Пред се е предизвк да настапуваш на големи сцени. На пример оваа година навистина имавме доста настапи како на Скопски саем, на плоштадот во Охрид, Антички театар и уште многу настапи каде бевме застапени на големи сцени, а публиката ни возврати толку искрено, што навистина се чувствуваме исполнето. Мислевме да направиме еден, но испаднаа два анплагд концерти, дури има интерес и за трет, но ќе застанеме на вториот. Јас лично како вокал и композитор се врзувам за сите песни и ги изведувам со поинаква емоција. Како ќе возврати публиката така и јас се чувствувам, така што ако конкретно ме прашувате за која песна сум врзан,  тоа е „Знаеш каде да ме најдеш“, како нешто најсвежо и емотивно и ја изведувам од срце, објаснува Пере и додава дека годината што доаѓа ќе биде полна со многу изненадувања за публиката на Нокаут.

-Предизвици имаме многу за 2015 година. Она што го правиме следно се доста интересни проекти за кои допрва ќе слушнете и ќе им го пренесувате на вашите читатели.Не би сакал да откривам детали, за да биде вистинско изненадување за сите, најави Пере.

Звучеа одлично, но изгледаа и компактно на сцена, водени по чувството на целата замисла за еден релаксиран амбиент кој бара и таков сценки изглед.

-Се облековме како што се чувствуваме, бидејќи тоа е многу важно кога се излегува на сцена.Сакавме да се чувствуваме опуштено како во некој бар, некоја полудомашна атмосфера.  Спонтано се случи се и немавме некои специјални одлуки. Верувам дека и вториот концерт ќе биде во ист интензитет како овој, па ако не и уште посилен, завршува Перевски.

Специјално за присутната публика, Игор Џамбазов кажа дека концертите на Нокаут секогаш се прилика да се промовира нешто неслушнатато.  Вчерашната вечер како што вели тој,  беше моментот публиката да слушне премиерно песна која речиси 15 години стои необјавена. Позитивните реакции искажани преку овации беа доказ дека иако „нова“,  нумерата насловена „Понекогаш“ ги стана сите на нозе.

-За ваков концерт не ти се потребни никакви допинг средства. Ова е  публиката што навистина ги сака Нокаут. Сите гости што настапуваме вечерва заедно се  полн погодок. Со Нокаут се наоѓаме на повеќе фреквенции, да речеме со Франц уште кога беше  член на Скопските федери со кои и јас настапував, но поврзани сме и преку секојдневната дружба, посебно со Икс бокс- најновиот фудбал. Го играме дење и ноќе, па дури и за време на овие макотрпни проби што тие ги имаа, а јас за книгата, така што пак наоѓавме по неколку часа дневно да го поминеме со таа активност. Јас нив ги сметам како членови на моето семејство, а тие мене како член на нивните семејства и супер функционираме. Нашата дружба е цели 14 години и доаѓа од душата, вели Џамбазов кој на сцената се појави во спортско-елегантна комбинација од Елена Лука, дополнета со маичка со принт од симболот на Ролинг Стоунс.

-Незнам колку се забележаа маичките што ги носевме, но се договоривме да носиме маичка од некој познат бенд од рок историјата и драго ми е што тоа вие го забележавте.Ролиг Стоунс на сцена се залепи на мене, така што морав  да го променам стајлингот надвор од сцената. Милам дека за мене тоа беше добитна комбинација, рече Игор.

Раперот Тони Зен за прв пат го видовме во сценска постава со момците од Нокат, облечен во карирана кошула за која вели дека му е нова и специјално ја облекол за концертот.

-Доживувањето во Нокаут бар за мене беше многу големо и позитивно искуство и пред се ново. Со момците сме на многу блиска фреквенција, делиме иста идеја исто концепт и милслам дека успешно си пловиме во етерот. За вечерва имам нова кошула која е за надворешни спортови, изјави Тони Зен.

Доколку го пропуштивте вчерашниот концерт, се уште имате време да набавите влезници за следниот кој е вечерва и да се опиете од прекрасни песни, амбиент и позитивна енергија.

извор: http://fashionel.mk/moda/aktuel/emotivno-meni-vo-nokaut-bar