Уште еден ден до, сега веќе традиционалниот, декемвриски концерт на Нокаут

ВБУ: Во текот на годината многу настапи низ цела Македонија, на крајот на годината концерт. Ова веќе е традиција за Нокаут. Два големи концерти изминативе години. Едниот на Скопски Саем во Метрополис арената во 2011-та година, а потоа фантастичен концерт во Универзална Сала. Оваа година се подготвувате за голем концеерт повторно во Декември овој пат во „Борис Трајковски“. За разлика од претходно нема најава за unplugged концепт. Што може да очекуваме оваа година?

Пере: Ова ќе биде трет пат како Нокаут го прославува дочекот на новата година пред другите. Намерно или случајно, се погоди повторно концерт во Декември. А, зошто да не? Мислам дека е убава традиција, но овој пат го менуваме концептот. Не само што нема да свириме unplugged, туку одлучивме и единствен специјален гостин на вечерта да биде публиката. Самото тоа што овој пат ќе бидеме погласни, значи и поинакво сценско решение. Затоа очекувајте гласна авторска македонска музика, богато сценско уживање и 11 луѓе на сцена спремни да дадат сѐ од себе за секој посетител да се чувствува како специјален гостин.

ВБУ: Оваа година почнавте со креирање нов материјал за следниот албум. Следната година би требало да биде готов албумот. Дали ќе може да слушнеме некоја од новите песни на концертот што следи? (Некој нов сингл?)

Пере: Да, паралелно со подготовките за концертот снимаме нов материјал за следниот албум. Годинава ја пуштивме преработката од Џованоти, „Позитивно” а сега на ред е новиот сингл, што ќе го слушнете непосредно пред концертот. Еве ексклузивно за ВБУ, откривам дека песната има наслов „Радувај се со мене”.
Тоа значи дека Нокаут воопшто не мируваат. Јас, продуцентот Дарко Димитров, момците од бендот и сите наши соработници ќе се потрудиме да создадеме албум што ќе понуди малку поинаков звук од претходниот. „Позитивно” ќе ја свириме на концертот што следи, а тоа воедно ќе биде и мотото и лајтмотивот на концертот. А, за да го слушнете новиот сингл во живо, ќе мора да почекате некој наш друг настап.

ВБУ: Дали концертот ќе добие видео снимка? Каде ќе може таа да се погледне? Ќе го има ли концертот на ДВД медиум во продажба?

Пере: И овој наш концерт ќе биде снимен, овој пат од Македонската Радио Телевизија, нашиот драг медиумски партнер. Тоа значи дека тие ќе го имаат ексклузивното право први да го емитуваат концертот. А, што се однесува до можноста за некакво ДВД издание од концертот, сега е многу рано да се каже. Прво да го направиме најдобриот концерт до сега, па потоа ќе размислуваме за следните чекоти и како да го спакуваме материјалот од конертот за неговиот ефект да биде долготраен.

ВБУ: Последните два големи концерти на Нокаут имаа специфична и впечатлива бина и амбиент, особено оној на во Метрополис Арената. Што да очекуваме утре во салата Борис Трајковски? Каква е темата за бината на концертот што следи?

Пере: На претходните два концерти на Саем и во Универзална раскажувавме една поинаква, акустична приказна што самата по себе налагаше интимен амбиент. Сега одиме во малку поинаков концепт, што ќе биде подеднакво возбудлив. Но, да оставиме самите да се уверите во тоа.

ВБУ: Какви се твоите очекувања од концертот утре?
Пере: Очекувам многу насмеани лица насекаде наоколу. Очекувам пеење во глас со публиката. Очекувам убава енергија на сцена, што успешно ќе биде прифатена од другата страна. Очекувам уште една убава вечер што нема да сакам да заврши.
ВБУ: Нека биде така. Нека биде позитивно!

извор: muzichkiregistar.com