Интервју со Пере – Нокаут: Постојат ли неостварени желби на бендот?

За децата кои растеа во 90-тите и сите други следни генерации песните на ’’Нокаут”се евергрини кои за секогаш ќе се потпевнуваат, а посебно рефрените како Фатална Опсесија и Временска машина кои не излегуваат од глава.

Нокаут е еден од ретките македонски бендови што и денес полни концертни сали. Енергијата што се ослободува од спектаклот што го прави Нокаут на концертите останува како најубав музички спомен за публиката. Токму концертот кој оваа наша музичка група ќе го има на 1 октомври по повод 4-тиот роденден на Скопје Сити Мол, беше повод да поразговараме со Никола Перевски-Пере лидер и вокал на ’’Нокаут”

1. Летнаа 20 години на музичката сцена. Кога ќе погледнете наназад, кои се најдрагите спомени за членовите на бендот? Има ли случки што предизвикуваат измешани емоции?

Точно, во 2017 година НОКАУТ ќе може да се пофали со 20-годишна борба на сцената. Се надевам успешна. 20 години сме во рингот во кој за среќа повеќе сме победувале, отколку што сме биле нокаутирани. Рингот околу кој, на наше огромно задоволство, секогаш имало прекрасна публика и многу позитивна енергија.
И сега, кога од оваа перспектива ги прелистувам фолдерите во глава, можам само едно да кажам –пресреќен сум што токму музиката е моја водилка во животот. Пресреќен сум што го одбрав токму овој пат и тоа токму со сите тие луѓе кои директно или индиректно беа и се вклучени во приказната насловена како НОКАУТ. А, живот без измешани емоции значи здодевен живот, живот без возбуди, авантури и предизвици. А, верувајте, двете децении низ кои мина бендот се далеку од здодевни.

2. Сигурно техничката и организациската подготовка за еден концерт на Нокаут е долга и темелна. Но, како бендот се подготвува за да настапи во добро расположение? Како Нокаут успева да постигне толку позитивна енергија да вибрира меѓу публиката? Што е тоа што го прави лесен чекорот од бекстејџ до публиката?

На ова прашање можам да зборувам на долго и на широко, а на крајот сепак да донесам заклучок дека тоа тешко се објаснува. Дека мора да се доживее. Но, едно е јасно и непроменливо – се додека си со вистинските луѓе, се додека се разбирате со поглед, делите иста љубов и имате иста инспирација, буквално ќе летате кон и на сцената. Во моментов сме седум музичари, што значи седум различни карактери, седум различни темпераменти, седум различни инструменти. Секој од нас си носи свој емоционален товар, доживува ваков или онаков стрес, но сцената е нашата друга димензија. Портал кон друг свет во кој сме други луѓе. Тогаш се исклучуваме комплетно од реалноста и постоиме само за музиката и публиката. Дишеме како еден организам. Но, нели, секој еден жив организам доживува промени, поминува низ разни фази и стадиуми, сè додека не дојде до онаа фаза во која ќе почне да функционира беспрекорно. Така е и со НОКАУТ.

3. За многу музички фанови сте “задолжителна музичка лекција “, “звук на младоста“, “евергрин на македонската естрада“. Дали би биле подготвени директно да мотивирате нов бенд со млад состав што ќе се обиде да ги заслужи истите признанија и ќе прават концерти за помнење?

НОКАУТ секоја прилика ја користи да ја промовира македонската музика и да ја повика јавноста да слуша квалитетна домашна музика. И не планира да отстапи од таа своја идеологија. Така што, отворени сме за секој оној кој искрено и со цело срце и душа влегува во оваа професија. Затоа што, верувајте поддршката дури и од најскапиот и најискусен музичар или продуцент на светот нема да има ефект доколку не сте искрени во тоа што го работите. Знам дека звучи како некое клише, но веќе сме биле сведоци на безброј инстант кариери кои онолку вртоглаво се урнале, колку што вртоглаво се вивнале. Дај боже да има што е можно повеќе музички таленти во оваа наша земја, нам само ќе ни биде задоволство да помогнеме и отвориме пат кон оној друг свет за кој зборував во прашањето погоре.

4. Концертите ни се наметнаа како главна тема на овој наш разговор. Можеби затоа што фасцинира трансцедентната енергија што кружи и се разменува кога на едно место ќе се соберат толку луѓе со заедничка љубов кон музиката. Што е следно за екипата? Каде наскоро ќе настапува Нокаут? Кога може да очекуваат фановите напојување со “нокаутирачка енергија“?

Следно нешто поголемо што планираме да го реализираме е јубилеен концерт идната година. Подготовките сè уште се во почетна фаза, па сега во овој момент не би можел да ви кажам ништо повеќе, освен тоа дека ќе сториме се за да и докажеме на публиката дека навистина постоиме за неа. Да ја натераме да си замине дома со помислата “леле, колку ја сакам македонската музика!” А, до тогаш сигурно ќе имаме неколку помали настапи, но сепак сета енергија планираме да ја насочиме кон организирањето на јубилејниот концерт.

5. Хипотетички размислено, каков музички спектакл на концерт си посакувате? Постојат ли неостварени желби на бендот?

Ах, желби има милион, а можности тие да се остварат малку. Сепак знаеме каде живееме и колку можеме да ги протегнеме нозете на чергата. Но, и во Метрополис Арената во 2011-та, во Универзална сала во 2014 и во Борис Трајковски Арената минатата година се уверивме дека не е потребен голем буџет за да се доближиш до нивото на еден светски концерт. Знам дека звучам нескромно, но тие беа реакциите и во медиумите и меѓу присутните. А, со оглед на тоа што сме бенд кој сака само да напредува, ќе мора многу да се потрудиме за да ги надминеме концертните стандарди кои самите ги поставивме. И искрено се надевам дека нема да се изневериме ни себеси, а ни нашите највредни, фановите! Се гледаме на 1 октомври!

извор: http://www.crnobelo.com/novosti/domasni/43676-intervju-so-pere-nokaut-postojat-li-neostvareni-zelbi-na-bendot