Никола Перевски – вокал, гитара и основач на НОКАУТ од 1997

Роден е на 24 март 1978 година во Скопје. Музиката е негова професија повеќе од 20 години. Како продуцент, композитор, пејач, инженер на звук и мултиинструменталист тој компонира музика за албуми, реклами и филмови. Има сопствено студио за снимање, миксање, мастеринг и продукција на албуми во разни музички жанрови.
Своето музичко образование го започнал во Нижото музичко училиште во Скопје кога имал само 5 години. Од тогаш музиката не престанува да биде негова главна преокупација. Средно музичко завршил во МБУЦ “Илија Николовски Луј”, а во моментов студира аудиопродукција на електронска музика и композиција на угледниот САЕ Институт во Барселона, Шпанија.

Како тинејџер бил дел од неколку музички бендови, еден од нив е Аперитив, но клучниот пресврт во неговиот живот го доживува со формирањето на НОКАУТ, во 1997 година. За основањето на групата многу придонесува неговото дружење со сега познатиот македонски продуцент и композитор Дарко Димитров. Владимир Крстевски – Франц е првиот член од старата постава, кого тој го повикува да му се приклучи. Потоа доаѓаат и Кирил Колемишевски и Ацо Богдановски Конга со кого настапува се до 2003 година, по што бендот официјално се разделува.

По креативната пауза од три години, во 2006 година Пере ја формира новата генерација на НОКАУТ, со која се уште настапува и твори.

Со НОКАУТ издаде три студиски албуми, “Нокаут”, “До последен здив” и “Три”, одржа неброени концерти, беше дел од многу хуманитарни настани и освои значајни награди.

Како фронтмен на НОКАУТ, Никола Перевски има настапено на иста сцена со легендарната британска група DURAN DURAN, на нивниот концерт во Скопје во јули 2012 година на кој НОКАУТ беа специјални гости. Со својот матичен бенд, тој делел иста сцена и со панк легендата Џони Ротен (Sex Pistols) во рамки на фестивалот Скопје Гори, каде Џони настапи со PIL.

НАГРАДИ:
1997 – Најдобар сценски настап “Макфест” за настапот со песната “Фатална опсесија”
1998 – НОКАУТ е прогласен за “Тинејџ атракција”.
1998 – Група на годината
1999 – Група на годината
2001 – “Златна бубамара на популарноста” за Албум на годината “До последен здив”.
2001 – Гран При на Изборот за песна на Евровизија како автор на песната “Од нас зависи”, во изведба на Каролина Гочева. Освен како автор, Никола Перевски учествува на Евровизија во Талин и како пратечки вокал на Каролина.
2001 – Со песната на Пере “Кажи ми”, Каролина Гочева го освои второто место на музичкиот фестивал Сунчане Скале во Херцег Нови, Црна Гора.
2012 – “Златна бубамара на популарноста” за Концерт на годината за Unplugged концертот на НОКАУТ во Метрополис Арена 2011 година.
МАРС 2013 – Апсолутен радиски хит “Запомни тоа е се што имаме”.

СОРАБОТКИ:
Дарко Димитров , Кристина и Александра Ковач, Корнелије Ковач, Тоше Проески, Каролина Гочева, Александар Ристовски Принц, Дарко Гелев-Брејк, Тијана Дапчевиќ, Игор Џамбазов, Авалон Продукција, Гаро и Дики Тавитјан, Song Killers, ДНО, Тони Михајловски, Ристо Вртев и многу познати музички имиња од Македонија и Балканот.

Во 2014 година, Никола Перевски настапи како пратечки вокал на Тијана Дапчевиќ, кога таа ја претставуваше Македонија на Евровизијата во Копенхаген, Данска.

Татко на Михаела и Каја.
Во моментов живее и твори во Барселона, Шпанија.