Нокаут се бренд!

Телефонскиот број можеби не постои, ама затоа момците од Нокаут и тоа како постојат. Со затсиноќешниот концерт, кој дефинитивно е еден од поуспешните кога се домашните музички имиња во прашање, дружината која постои од далечната ’97 година, докажа дека не мора да те има премногу во јавноста за да бидеш на врвот.

“Еј Би Си”, “Фатална опсесија”, “Дождот”, “Временска машина”, “Би се викал те сакам”, “Телефонскиот број не постои”, “Илјада причини за крај”, “Мене ми припаѓаш”, “Од нас зависи”, “Бестрага”, “Лебедот бел”… само дел од темите кои се најдоа на репертоарот на повеќе од тричасовниот анплагд концерт на Нокаут, за кој сцената во Метрополис арената беше уредена во кабаре стил. Освен старите добро познати хитови на бендот, но и темите отпеани од гостите Фиц (Студени нозе), Мики Јовановски – Џафер, Мио од ДНО и Игор Џамбазов, кој беше како јаготка на шлагот, момците присутните во салата ги почестија и со премиерна изведба на дел од темите кои ќе се најдат на најавениот нов музички материјал. Свирката, всушност, значеше заокружување на годината, во која по подолга пауза момците се вратија на сцената и одржаа два фантастични концерти во летната дискотека Колосеум.

Ерупција од емоции, квалитетна македонска музика, патување низ времето кое никого во салата не остави рамнодушен. А дека Нокаут недостасуваат и дека се класа над другите, не се само излитени фрази за купување симпатии, момците дефинитивно ставија печат во домашната музичка историја и ги нокаутираа повеќето колеги кои заслужуваат простор со се само со музика не.

Пред самиот крај следуваше хорско пеење на одличната “1000 причини за крај”, но ретки беа оние кои сакаа да си заминат, па остана завесата да падне со Лебедот бел” и ветување за следна средба. Браво, момци! Ако најдоброто го чувавте за крај (на годината), тогаш публиката тоа и го доби.

извор: http://vecer.mk/zabavna/nokaut-se-brend