Публиката е наша најинспиративна муза

Нокаут и се е јасно. Ама, мислиме на позитивниот, музичкиот Нокаут кој секогаш одново и одново позитивно ја изненадува својата армија страсни обожаватели, жедни и гладни за нови авторски дела. Како потврда на взаемната верност дојде и наградата „Радиски хит на годината” за песната . „Запомни тоа е се што имаме”. По добивањето на наградата ИДИВИДИ разговараше со Никола Перевски-Пере.

Ви посакувам среќна Нова година и исполнување на сите амбиции!

Благодарам Илија на честитката и во име на Нокаут посакувам се најдобро на читателите на ИДИВИДИ!

Се одморивте по победата на МАРС и по новогодишната ноќ?

Да. Прекрасно поминавме на концертот во пресрет на Новата година. А, во однос на Марс…Некои велат дека на Јупитер било многу поинтересно, но нас ни беше одлично на Марс, од каде се вративме со убави впечатоци. Искрено, би сакал идната година повторно да слетаме успешно на тоа тло. Ништо повеќе не е исто откога ќе го видиш Марс со свои очи. Прашајте го роверот Кјуриосити.

Очекувавте ли победа, т.е. „Запомни тоа е се што имаме” да биде прогласена за радиски хит на годината?

Со оглед на тоа што имаме добиено повеќе награди во нашите кариери (меѓу другото и наградата за најдобар текст на МАРС 2012 за песната „Знаеш каде да ме најдеш”), оваа награда посебно ни значи токму поради фактот дека гласаше аудиториумот и македонските радио станици. За нас тоа навистина беше неочекувана победа. „Запомни, тоа е се што имаме” едноставно ја сметавме за тотално албумска песна, а публиката и радијата ја доживеале на свој начин и ни возвратија со награда која, без лажна скромност, Нокаут ја заслужува.

Според Вас, што е најсилното што во себе го содржи песната или што ја одбележува и ја одвојува?

Чувството кое го носам со себе за да почувствувам дали песната е правена од чиста љубов кон музиката или само за неколку гроша, ми дава поттик да се занимавам со оваа убава работа. Впечатокот дека разговарате со некого, песна која дише со емоции, точка во дадено време, музичката вештина во контекст на музиката, мелодија и ритам, се основните елементи кои создаваат и заокружуваат една квалитетна музичка целина, за да, како што велите вие, се одвојува како музичко дело.

Што според Вас ја одбележа 2013 на музички план кај нас и како ја оценувате нашата сцена?

Мајка Македонија има родено и ќе раѓа неверојатни музички таленти и уметници. Тоа значи дека има многу луѓе што работат музика во вистинска смисла на терминот world music. Сакам да кажам дека ова мало парче земја има голем потенцијал. Јас лично искрено не можам да проценам, а не пак да оценувам во однос на нашата сцена, затоа што и таа како и државата, е нон стоп во транзиција.

Кој освен Вас и Франц се дел од Нокаут?

Тоа се прекрасни луѓе со кои што соработувам, луѓе со кои се дружам и од кои учам многу работи, луѓе кои можат до бол да те насмеат или изнервираат. Целиот свој живот професионално го посветуваат на музиката и можам да кажам дека на секого поединечно во тој поглед одлично му оди како индивидуа, човек и професионален музичар. Речиси секој од нив свири во различни состави во рамките на оваа македонска сцена, но синтезата што ја создаваат во оваа постава за тоа да звучи и изгледа онака како што изгледа, освен мене и Франц се: Горјан Петровски-гитара, Виктор Николовски-бас гитара, Благоја Антовски-тапани, Борче Кузмановски-клавијатури, проф. Горан Кавраков-саскофон и Бојан Перевски-перкусии и придружни вокали.

Најпрепознатливи сте по живите свирки и unplugged концертите. Тоа само зборува за вашиот квалитет и подготвеноста за директен и отворен контакт со публиката. Дали тој минималистички израз е она што го сакавте да го постигнете?

Актерот се качува на сцена, глуми најдобро за време на претставата, претставата завршува, актерот се пакува и си оди. Така работиме и ние од 1997-ма година. Самата публика, фановите се тие со кои имаш интеракција. Создаваш дело, го пласираш во јавност и очекуваш од самата публика реакција за да почувствуваш колкава му е вредноста. Минимализмот сам по себе е уметност и можеби на некој начин целиме кон него и сакаме да го постигнеме, но како естетика на звукот и севкупно земено како естетска вредност, далеку сме од самиот израз, јас повеќе би рекол дека се уште сме заглавени во шундмодренизмот.

По мое убедување, се чини нема место во државава каде не сте настапиле. Значи ли тоа дека публиката ја цени и ја бара Вашата музика?

Речиси и да нема град во државава во кој не сме настапиле, што нас многу не радува, затоа што публиката е таа за која постоиме и која, фала му на Бога е во се поголем број. Освен тоа, не радува и фактот што расте бројот на луѓе кои ја ценат македонската авторска музика. Читам разни реакции по социјалните медиуми за нашите чести настапи во живо низ земјава. Па, која би била целта на нашето постоење доколку не ги прифаќаме понудите за настап пред нашите фанови и доколку не го канализираме во живо она што го работиме со години. Освен тоа, 90% од членовите во бендот заработуваат од овие настапи и што е уште поважно, живеат за тоа. Концертите се она што ги исполнува и радува. Се додека имаме публика ние ќе настапуваме пред неа, бидејќи таа е една од нашите музи.

Бидејќи бевте дел и од првиот Нокаут, што е различно во денешната постава или што е предност или недостаток денес и пред 17 години?

Се што посакувавме од самиот наш почеток е тоа, да правиме албуми, да издаваме ЦД-а, да излеземе на бина и да се поклониме. Но, тогаш работите почнаа да се случуваат и едноставно остана и ден денес таа движечка сила кај нас, но во поинаква форма. Ако ги земеме предвид самите почетоци на Нокаут од 1997-ма година со таа постава и ако направиш увид на нашите настапи денес, ќе сфатиш дека што и да направиш, создадеш како музика за овие 17 години. „АБЦ” иако е преработка на песната од Jackson’s Five, се уште поминува највесело. Добрите спомени и пријатели се тие што остануваат засекогаш. Луѓето со кои сум соработувал и соработувам сега ми се многу драги. Предноста е во искуството, а разликата од тогаш до денес е во тоа што го зголемивме возилото за уште 7 седишта плус и добивме можност добро да го почувствуваме звукот на сцена, она што сме го сработиле сите овие изминати години. Да ја направам разликата од таа постава до оваа ќе изгледа помалку смешно од аспект на тоа дека на настапите во живо, оваа постава звучи многу класи погоре од претходната за самите нас, затоа што концептот беше базиран првично на изведбата во живо, наспроти стратегијата на првата постава која беше прво и пред се само студиски, да се оди на поголема комерцијала во изработка на повеќе музички спотови и настапи на различни ТВ, радио и пишани медиуми. Како и да е, двете постави се упатиле кон иста цел, но по различни патишта што доведува до фактот за она што сме денес.

Дали сте вие фронтмен во групата или немате таков член?

Досега не сум почувствувал дека овој бенд има некаков класичен лидер, фронтмен земајќи се предвид и себе си како член. Подобро би кажал дека знаеме како функционираат работите уште од самиот почеток. Иницијалната каписла на целата идеја сме јас и Франц, а целокупната екипа секогаш очекува нешто ново, се стреми кон тоа да биде што поквалитетно направено, отсвирено, повеќе како за некаков предизвик, експеримент кој отвора повеќе хоризонти.

Како создавате песни, опиши ја креативната атмосфера?

Тука нема некои правила. Инспирацијата знае да ми дојде и среде ноќ, па буквално да ме разбуди од сон. Тогаш седнувам или на гитара или на клавијатура, го свирам и снимам она што ми се врежало во потсвеста. Потоа од таа некоја основа, развивам цела приказна која знае и неколку пати да претрпи промени. Целината ја заокружувам кога ќе го добијам текстот, бидејќи од него зависи целиот концепт, самата с’рж, сензибилитет и суштина. Она што за мене е најважно е заокрижувањето на целата приказна во студио. Тука своја улога имаат и останатите членови од бендот, кои секој на свој начин оставаат печат врз песната. Како композитор и аранжер сум многу прецизен и детален. Се случува со недели да работиме на една песна, бидејќи не дозволувам да биде пуштена во етер се додека на сите не ни звучи совршено. Мојот перфекционизам е една од главните причина поради која толку ни доцни најавуваниот албум 🙂 Сакам она зад кое ќе биде потпишан Нокаут да биде сработено најпрофесионално што може.

Што ве очекува во 2014-та?

Се надевам конечно новиот, трет по ред албум и секако нови настапи низ Македонија, нови инспирации за нови синглови, повеќе фанови, повеќе позитивна енергија околу нас, по некој музички спот, па и уште некоја награда, зошто да не. Ах да, и Скопје 2014!

извор: http://www.idividi.com.mk/intervju/vo4oci/895362/