Вино и Нокаут: Магичен спој за совршена вечер!

Ти си моја вечна фатална опсесија, ти си кo црна магија. Јас и ти сме двајца на различна фреквенција, на планета различна…

Со овој рефрен од песната „Фатална опсесија“, синоќа Нокаут го започна својот втор unplugged концерт во Универзалната сала. Игор Џамбазов се пошегува дека ова можеби ќе биде и последен на омилениот македонски бенд во оваа сала, бидејќи истата наскоро ќе биде срушена или пак самата ќе се сруши од старост.

Пере, Франц и останатите одлични музичари кои настапија синоќа на сцената, ни овозможија барем неколку часа заедно со нив да бидеме на планета различна од Земјата.

Нокаут успеа да го пренесе тоа чувство  на целата публика која ја преполни салата и потполно уживаше во секоја помината секунда заедно со момците и песните со кои   пораснаа неколку генерации.

Два дена македонската публика имаше ексклузивна можност да почувствува и да види како изгледа вистински unplugged концерт, каков што можеме да гледаме само на телевизија по популарните музички канали.

Самото предновогодишно расположение и топлата сцена која изгледаше како вински бар, даваа дополнителен шмек на целата вечер.

Вечер во која Нокаут како со временска машина нè врати назад во времето и ни покажа дека мораме да си го цениме нашето, македонското. Токму Нокаут кој е „made in Macedonia“ на еден одличен начин веќе со години, а би рекле и децении, ни докажува дека сепак има нешто добро и екстра квалитетно и кај нашата музика која треба да ја цениме. Токму „тоа нешто“ се песните на Нокаут без кои не поминува домашна забава, свадба или пак некоја веселба, а да не бидат испеани во еден глас.

Пере, Франц и седумте музичари, надополнети со нивните гости – Тони Зен, Мио од ДНО, Last Expedition и Игор Џамбазов, направија атмосфера која ги наежи присутните, кои сигурно по завршувањето на концертот и одењето накај дома си потпевнуваа по некој стих од песните кои ги слушнаа синоќа. „Танго“, „Да си тука вечерва“, „Добро утро будење“, „Лебедот бел“, „Животот е убав“, „Би се викал те сакам“, „1000 причини за крај“ „Знаеш каде да ме најдеш“, „Би се викал те сакам“… беа само од песните со кои Нокаут ширеше љубов во Универзална сала.

Македонските рок легенди предводени од Енко, „Last Expedition“ направија вистинска рок забава со „Немоќен и чуден“ и стариот познат хит „Шефе“.

Мио од ДНО за кој Пере откри дека е автор на добар дел од текстовите на песните на „Нокаут“ и  за кого ова беше прв настап по излегувањето од затвор, ја разнежи публиката.

Концертот кулминираше со излегувањето на Игор Џамбазов кој заедно со Пере и Франц  секогаш знае да направи мини концерт на концертот на Нокаут. „Диши Длабоко“ „Понекогаш“ и емотивната „Во Бестрага“ едноставно беше јаготката на шлагот.

Публиката не дозволи така лесно Нокаут да ја напушти сцената, па момците беа повикани на бис. Целиот концерт беше едно ретко доживување, па сега останува само да се надеваме дека Нокаут ќе продолжат во истиот ритам во кој и’ „возат“ веќе долги години.

извор: http://www.idividi.com.mk/showbiz/muzika/967860/index.html