За Нас

divider

Годината беше 1997-ма.
Македонија транизициска, а ние желни за музика.
На почетокот бевме: Никола Перевски, Ацо Богдановски, Владимир Крстевски и Кирил Колемишевски.
Или ако повеќе сакате: Пере, Ацо Конга, Франц и Киро.
Почнавме како TIME OUT, но за кратко се ребрендиравме во НОКАУТ.

Така и останавме.
Бевме среќни што испишуваме музичка историја, а очигледно беше дека и публиката ја дели таа среќа со нас.
Оваа четворка 5 години живееше заедно за сцената. И на сцената.

Издаде два албуми “Нокаут” и “До последен здив”, работеше со АВАЛОН продукција, соработуваше со менаџерите Милорад Цаиќ Цајо и Мартин Трпчевски, како и со музички гиганти како Корнелије Ковач и неговите ќерки Кристина и Александра, Дарко Димитров, Александар Ристовски-Принц, Каролина Гочева, Тоше Проески, Ристо Вртев, Мите Димовски, Анте Пецотиќ… Посвети многу песни, доби куп награди, доживеа преубави и луди времиња…
Сè до 2002-та година, кога следуваше затишје.

Но, тоа било само затишје пред бура!
Во 2005-та се вративме подмладени, проширени и спремни за многу настапи во живо. Од старата постава се вратија само Пере и Франц, кој во 2015 година повторно се прости од НОКАУТ.
На почетокот имавме гитарска поддршка и од Луај Реџепов, кому сме му благодарни од срце за сите потрошени акорди со нас 🙂
Сега сме: Никола Перевски, Горјан Петровски, Бојан Перевски, Виктор Николовски, Борче Кузмановски, Благоја Антовски и Горан Кавраков.
Или ако повеќе сакате: Пере, Гоки, Бојан, Вичи, Боро, Баге и Горанчо.
Иако многу работи се сменија во меѓувреме (за жал, само транзицијата не), сепак сме исто толку среќни и посветени на продолжувањето на приказната за НОКАУТ.
Нокаути имало и ќе има, но за наша среќа не доволно за да бидеме нокаутирани!
Снимивме уште еден албум “ТРИ”, издадовме и две други аудио изданија НОКАУТ Deluxe и NOKAUT Unplugged Live Skopje MOB 2011, а одржавме и три големи самостојни концерти во Скопје – Метрополис Арена (2011год), Универзална сала (2014год) и Арена Борис Трајковски (2015год), работевме со Игор Џамбазов, Тони Зен, Тони Михајловски, браќата Тавитјан, Горила Продукација, настапивме на иста сцена со DURAN DURAN, Џони Ротен и Џо Кокер…

И еве нè, 2017-та година го славиме 20-от јубилеј. И сè уште живееме за сцената.

И на сцената.

И не планираме да престанеме…

СЛУШАЈТЕ МАКЕДОНСКА АВТОРСКА МУЗИКА!

ВЕ САКААТ НОКАУТ